ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Идниот понеделник пресуда за пожарот во модуларната болница во Тетово

Денеска заврши судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово. Откако беа искажани завршните зборови, пресудата за четворицата обвинети ќе биде соопштена на 5 јуни во 12 часот.

Advertisements

Обвинителството бара казна за сите нив, односно за Клиничката болница како правно лице, двајцата директори Флорин Бесими и Артан Етеми, како и лекарот Бобан Вучевски. Но, одбраната, цитирајќи ги сведоците, рече дека во болницата имало противпожарни апарати, па затоа побараа ослободување на обвинетите. На денешното рочиште присуствуваа и адвокатите на повредените членови на семејствата, кои се согласија со обвинението на обвинителот, а побараа и судот да го земе предвид надоместокот на трошоците, но и обесштетувањето за семејствата кои ги загубија своите најблиски во пожарот на 8-ми септември 2021 година.

Според вештачењата на германските стручњаци, тој настанал од продолжен кабел каде што биле приклучени мобилен телефон и дефибрилатор кој бил користен во моментот кога на еден од пациентите му се влошила состојбата. Во тој миг избил оган кој набрзо се проширил и во трагедијата загинаа 14 лица.

Судењето започна на 6 септември 2022 година, а се одржаа 14 рочишта.

Поранешниот в.д директор на болницата Флорин Бесими и поранешниот економски директор Артан Етеми се гонат кривично бидејќи не поставиле опрема за гасење пожари. Докторот Бобан Вучевски е обвинет затоа што дозволувал влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.

Поконкретно, поранешните директори се обвинуваат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button