Игра на зборови – Владата „покачува“ веќе покачени плати во судството?
Игра на зборови - Владата „покачува“ веќе покачени плати во судството?

Се чини Владата на стара слава се фали дека ги покачува платите во правосудството. На веќе договорено покачување уште од минатата година, Владата на синоќешната седница одобри четири закони од областа на правосудството за – како што соопштија од Илинденска – покачување на платите. Но, овие покачени плати вработените ги добиваат како додаток и тоа веќе со месеци.
„Во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15%“, велат од владата.
Но, тука не станува збор за нови пари! Иста е ситуацијата и со јавните обвинители. Ваквото покачување го најави уште поранешниот министер за правда, Бојан Маричиќ, пред една година. Тоа се реализираше од 1 јануари годинава.
„Не станува збор за усогласување на плати, не станува збор за покачување на плати, бидејќи веќе се исплаќаат пет месеци наназад, така што Синдикатот на УПОЗ веќе работи и она што го бараме за сите вработени во јавен сектор го бараме и за овие вработени. Значи дека она наше барање од 2.806 денари треба да го добијат и овие вработени и судската служба и обвинителската служба и судиите и обвинителите“, рече Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Од Министерството за правда за Алсат потврдуваат дека вчерашната одлука за зголемување на платите за 15% е всушност само формална замена за актуелните додатоци на плати.
„Со законските измени платите скалесто ќе се усогласат со Законот за минимална плата…“, велат од Министерство за правда.
Синдикатот на управата, исто како и Сојузот на синдикати, останува на ставот. Ќе има генерален штрајк ако нема покачување на платите за 2.806 денари.
Игор Стефановски