ИЈЗ со повик да се почитуваат мерките за заштита на здравјето при високи температури

Поради најава од Управата за хидрометеоролошки работи за очекувани повисоки максимални дневни температури од утре до 27 јуни, Институтот за јавно здравје попладнево повика на почитување на мерките на заштита на здравјето на општата популација и на ранливите групи на население во услови на високи амбиентни температури.
– Покрај другите, за ранливи категории на луѓе се сметаат лицата кои работат во надворешни услови и се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови, или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење, лица кои губат премногу течности за време на работата и така натаму, може да се почувствителни на болести поврзани со топло време. На пример: градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака и слично, се истакнува во соопштението.
За работодавачите, како препораки за заштита на работниците од високи температури, наведени се проверка и одржување на техничко-технолошки мерки како вентилација, климатизација, редовно мерење на амбиентната температура и со поставување на работните станици што е можно подалеку од сончева светлина и извори на топлина. Потоа, обезбедување минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ – каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата.
– Да се земе предвид можноста за потенцијално работење онлајн, флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети. Избегнување работа на отворено од 11 до 17 часот, почести паузи и достапност на течности и електролити. Ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е тоа можно. Обезбедување поголем број работници, по потреба. Почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простории и течности за пиење и електролити. Намалување на интензитетот на работата и нормите во производството. Избегнување прекувремената работа. Прекин на работата при потреба. Внимателност со ранливите групи вработени – постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени и други и нивно прераспределување работни места соодветни за нивната состојба. Обезбедување соодветни лични заштитни средства и дозволување нивно отстранување за време на паузите. Надзор при работа со хемикалии поради зголемена опасност од интоксикација, спречување на прекувремена работа и поттикнување самопријава на симптоми, се дел од препораките.