Специјалниот суд за корупција и организиран криминал на Албанија одлучи да ја задржи безбедносната мерка „затворски притвор“ за Илир Мета, поранешен претседател и лидер на Партијата на слободата. Тој е префрлен во затворот „313“, познат по мерките за висока безбедност.
На вчерашното рочиште, Мета се обрати со навредливи зборови кон првиот човек на СПАК, Алтин Думани, обвинувајќи го за политичка манипулација и кршење на законот. По неговото апсење, Мета и неговата сопруга, Моника Круемади се обвинети за корупција, перење пари и прикривање имот.
Круемади доби мерка „обврска за јавување“ поради здравствени проблеми. Мета, кој е еден од најпопуларните политичари во Албанија, има долга политичка кариера, вклучувајќи мандати како премиер и шеф на државата. По завршувањето на неговиот претседателски мандат во 2022 година, се врати во политиката со обновена партија, блиска до опозицијата.