
Во Женева денеска треба да има средба на повеќе европски министри за надворешни работи со шефот на иранската дипломатија. Можен ли е пробив? Интензивниот воен притисок врз Техеран би можел да го олесни тоа.
Пред Министерството за надворешни работи во Берлин има демонстранти кои копнеат по монархијата. Неколку десетици луѓе одговорија на повикот на Алиреза Сина за демонстрации. Тие на транспарентите имаат испишано барање за „максимален притисок врз иранскиот режим“ и држат фотографии од Реза Пахлави, најстариот син на последниот шах и ирански престолонаследник.
Сина носи порака до германската влада. Тој смета дека преговорите со Иран планирани за денеска (20.06) се погрешни. Наместо тоа, тврди тој, Германија треба „да ги прекине сите односи со режимот“. ЕУ, вели тој, се обидува да го промени Иран со „политики на смирување“ и „што постигна тоа во последните 46 години? Ништо!“.
Вадефул: Иран е закана „и за нас“
Преговорите веројатно ќе се одржат и покрај интервенцијата на Сина. Во Женева, Швајцарија, министрите за надворешни работи на таканаречената „Е3“ – Германија, Франција и Велика Британија – планираат да разговараат за иднината на нуклеарната програма со нивниот ирански колега, Абас Арагчи. На средбата треба да присуствува и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас.
Канцеларот Фридрих Мерц ја разјасни позицијата на германската влада во конфликтот пред само неколку дена во интервју за АРД: „Би било добро ако дојде крајот на овој режим“, рече Мерц, обраќајќи се кон Техеран.
Министерот за надворешни работи Јохан Вадефул во емисијата „Мајшбергер“ на АРД зборуваше за заканата што доаѓа од Иран, која влијае не само на Израел, туку и на „нас“. Иран неодамна ја забави својата нуклеарна програма, но облагородувањето „несомнено продолжи“ и тоа „значително над цивилното ниво“.
Па каква посредничка улога може да игра Германија и со какви очекувања патуваат министрите на Е3 во Женева?
Ретген: „Вистинска разлика“ во политиката на Блискиот Исток
Заменик-шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, Норберт Ретген, честопати ја критикуваше претходната влада за нејзината недоследна политика кон Иран. Тој сега ја гледа Германија во „јасна позиција“. Неговиот партиски колега и канцелар Мерц „ја презеде водечката улога“ и јасно стави до знаење дека од Иран доаѓа опасност, бидејќи земјата се обидува да стане нуклеарна сила.
Ова е клучна точка и „вистинска разлика во однос на претходната политика на Блискиот Исток“, тврди Ретген. Дали ќе има вистинска разлика во преговорите останува нејасно. Ретген, исто така, истакнува дека Иран со години „ги води Европејците за нос“ во преговорите со цел да стане нуклеарна сила.
Германија одигра клучна улога во последниот договор
Па, зошто да се продолжува со преговори кога дипломатијата не беше во можност да ја запре нуклеарната програма на Иран во минатото? „Мора да докажеме дека сè уште сме способни дипломатски да ги решаваме конфликтите во овој свет“, вели Адис Ахметовиќ, портпарол за прашања на надворешната политика од СПД.
Иранскиот режим мора да се врати на преговарачката маса, нагласува Ахметовиќ и додава дека Германија ужива голема доверба на Блискиот Исток, меѓу другото и поради нејзината улога во преговорите за нуклеарниот договор од 2015 година.
Всушност, Германија одигра клучна улога во склучувањето на нуклеарниот договор со Иран пред десет години. Покрај земјите од Е3, САД, Русија и Кина исто така беа дел од преговарачката група во тоа време.
Во 2018 година, САД, под водство на американскиот претседател Трамп, еднострано се повлекоа од нуклеарниот договор. Иако Американците не се на масата во Женева, Ахметовиќ сè уште се надева на успех: наоѓањето договор сличен на оној во 2015 година е „точно она што треба да се направи“.
Нурипур: Неизвесност околу очекувањата на САД
Политичарот од партијата на Зелените и заменик-претседател на Бундестагот, Омид Нурипур, за утринската програма на АРД изјави дека ги смета дипломатските напори за „многу добри и важни“. Тоа, според него, може да биде последна шанса „да се спречи големата експлозија“. Тој самиот избегал од Иран во Германија со своето семејство на 13-годишна возраст.
Но, додека Европејците сакаат да зборуваат единствено за цивилна употреба на нуклеарната програма од страна на Иран, американскиот претседател Доналд Трамп во изминатите денови зборуваше за „безусловно предавање“. Според него, Иран треба целосно да се откаже од својата нуклеарна програма. „Постојат големи неизвесности“, вели Нурипур. „Значи, прашањето е дали Европејците ќе преговараат на начин што ќе ги задоволи Американците“.
Напуштање на нуклеарната програма како „помало зло“
Иако европската дипломатија честопати стигнуваше до своите граници во минатото, експертот за надворешна политика Ретген сепак ги гледа разговорите во Женева како можност, бидејќи ситуацијата во Иран сега е поинаква, а режимот е егзистенцијално загрозен.
Можеби напуштањето на нуклеарната програма во моментов е „помалото зло“ за нив, вели Ретген. „На режимот треба да му се даде можност. Добро е што Европејците ја даваат.“ /DW