ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Има нов моментум со Бугарија, но Пендаровски не е оптимист за брз договор

Имаме одличен почеток во новата фаза од односите со Софија, истакна претседателот Стево Пендаровски на тркалезната маса на Советот на амбасадори, посветена на евроинтеграцијата. Тој додаде дека заедно со бугарскиот колега Румен Радев, ќе се обидат да дадат позитивен придонес во процесот. Сепак, претседателот не е оптимист за скоро решавање на спорот.

„Морам и тоа кристално јасно да го кажам дека станува збор само за почеток. Станува збор само за иницијална фаза, во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале тој процес понатаму да се одвива. Значи, ние сме далеку од подлабоко навлегување во процесот“, рече Пендаровски.

Од друга страна, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ е оптимист и смета дека во скоро догледно време ќе се даде зелено светло за првата меѓувладина конференција меѓу Скопје и Брисел, преку решение со Бугарија кое ќе биде достоинствено за двете страни.

„……Но, во исто време, покрај тоа што е наш национален интерес да ги започнеме преговорите, наш национален интерес е да ги зачуваме нашите македонски јазик и идентитет“, вели Маричиќ.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Теодора Генчовска пак, на брифинг со новинари во Софија денеска, откри дека со колегата Бујар Османи во вторникот го прошириле опсегот на дискусија и зборувале и за политички прашања, без да наведе за кои станува збор.

Османи утре, на покана на претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонијо Милошоски, ќе реферира за дијалогот со Софија и македонските одговори на бугарскиот „Предлог 5+1“. Едно од прашањата за кои ќе се бара одговор е и што се преговарало за влезот на Бугарите во Уставот на Македонија.

„По тоа прашање треба да бидеме поконвенционални, да размислиме посериозно и да не брзаме со било какви ветувања, коишто гледаме дека премиерот Ковачевски многу прелесно ги дава, а со тоа можеби свесно или несвесно не разбира дека ги нарушува преговарачките позиции“, вели Милошоски.

Додека Османи утре во Собранието ќе дава отчет за преговорите, истото ќе го стори и бугарскиот премиер Кирил Петков пред тамошните пратеници. Во меѓувреме, францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер ги оцени преговорите Скопје-Софија како „ветувачки“.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button