Имињата на политичарите вмешани во коцкарскиот бизнис на тапет
Имињата на политичарите вмешани во коцкарскиот бизнис на тапет

Одолговлекувањето на процедурите за усвојување на законот за коцкање го натера движењето кое се бори против игрите на среќа и обложувалниците на крајот на месецов да протестира пред Владата и Собранието. Челниците на ова движење најавуваат дека ќе ги објават и имињата на политичарите вмешани во овој бизнис и кои според нив, се главните кочничари на законските измени.
„Се подготвуваме сите босови да ги наречам така, почнувајќи од политиката, до најмалиот што се занимава со коцкање, да ги откриеме со име и презиме. Исто така, во последна фаза сме од подготовките за протестот што планираме да го одржиме пред Владата и Парламентот. Има и точно е дека има и инволвирани политичари и луѓе од високата владина политика, но сите овие имиња ќе ги објавиме во јавноста“, изјави Јуши Емерлаху, Движење против коцкање.
Измените што ги претрпе предложениот закон не ги исполнија нивните барања, велат од ова движење. Тие бараат казината да се оддалечат на 1,5 километар од градовите или целосно да се затворат, додека новиот закон предвидува тие да се дислоцираат само 500 метри од училиштата и верските објекти. Од Движењето против коцкање бараат овој закон да се прати во Собранието. Ги обвинуваат Владата и Министерството за финансии за одолговлекување на постапките.
„Власта досега одолговлекуваше, почнувајќи од Владата и Министерството за финансии. Законот помина во комисијата за буџет и финансии, но беше одложен и вратен во Владата. Веќе неколку месеци Законот седи во фиоките на Министерството за финансии и немаат намера да го вратат во Парламентот. Затоа апелираме овој закон итно да се донесе во Парламентот на Македонија, како што е подготвен, значи 500 метри воздушна линија. Иако не го прифаќаме овој закон, треба да се донесе за да се види кои се овие луѓе кои се против новиот Закон за затворање на казината во С Македонија“, додаде тој.
Здружението на обложувалници пред извесно време реагираше на евентуалните законски измени со образложение дека нивното дислоцирање подалеку од училиштата би довело до затворање./Alsat.mk
Башким Сулејмани