Имотната состојба на функционерите и судиите под лупа на антикорупциска

Судии, градоначалници, функционери, но не и обвинители, во првите три квартали во 2021 година ќе треба да го образложат својот имот. Претседателката на Државната комисијата за спречување на корупцијата Билјана Ивановска вели дека со оваа проверка ќе бидат опфатени сите судии, градоначалници и функционери за кои граѓаните имаат поднесено претставка, по што ќе се направи селекција и ќе бидат објавени.
Први на тапет, како што појасни Ивановска, ќе бидат 15 градоначалници и градоначалникот на Град Скопје. Проверката на имотна состојба на оваа категорија јавни функционери ќе се реализира во првиот квартал на годината што следи, односно во пресрет на локалните избори што треба да се одржат во октомври 2021 година. Меѓутоа од ДКСК, посочуваат дека во зависност од средствата со кои располагат така и ќе прават селекција на проверките.
Судиите и останатите функционери, според Годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси на ДКСК, ќе бидат проверени во вториот, односно третиот квартал на годината. Меѓу судиите на кои ќе им биде проверен имотот се и двајца претседатели на судови.
Паралелно со ДКСК, свои постапки за проверка, но за работата на судии, следната година ќе врши и Судскиот совет. Долгите судски рочишта, безбројните одложувања и неефикасните постапки ќе бидат деловите каде ќе се проверува работата на судиите.
Методоголијата за прочистување на правосудството доби зелено светло и од Советот за реформи во судството. Целта на сите овие постапки според најавите на власта е враќање на довербата на граѓаните во судските органи.