
Иако цела деценија со помпезност беше најавувано отворањето на нова индустриска зона во Куманово, таа е сè уште далеку од реализација. Странските инвеститори доцна се заинтересираа за „Новине-Речица“, која очигледно остана заложник на нефункционирањето на соработката меѓу централната и локалната власт. Но, од компании коишто се веќе таму велат дека бараат да отворат нови работни места како домашни инвеститори. Развојот на зоната е на Општина Куманово.
„Кај нас просечната плата е околу 500 евра што е минимум за нашите вработени и сметам дека ни требаат нови вработувања. Имаме барања, да не кажам дека немаме вработени бидејќи нашите услуги се добри има заинтересирани за зголемување на капацитетите во нашата компанија“, рече Назми Ејупи, претприемач.
Но, Индустриската зона Куманово останува запоставена од централната власт, велат од Општина Куманово. Градоначалникот Максим Димитриевски обвинува дека Владата ветувала многу, но напразно. Само локалната власт била посветена на привлекување на големи странски инвеститори.
Вицепремиерот за економски прашања вели дека државата согласно законот има вложено во оваа индустриска зона. Фатмир Битиќи тврди дека одвоиле средства и преку Законот за финансиска поддршка.
„Куманово како општина одлучи оваа индустриска зона да биде во надлежност на локалната власт врз основа на законот кој ѝ припаѓа и всушност е независна. Но, јас сега сум во компанија која е поддржана од Владата. Во оваа индустриска зона имаме и други компании кои всушност ги мотивиравме да инвестираат во оваа зона и покрај тоа што не е зона на централно ниво“, вели Битиќи.
Од Владата велат дека биле издвоени 20 милиони денари за изградба на патната инфраструктура, водоводот и канализацијата, како и за каналот за атмосферска вода за да се создадат услови за развој на бизнисот. Сепак, индустриската зона “Речица“ со 60 хектари градежно земјиште долж Коридорот 10 во моментов има само неколку фабрики со малку вработени.
Аднан Ќаили