
Продолжува трендот на раст на трошоците за живот. Во септември годинава во однос на истиот месец лани инфлацијата е зголемена за 18,7 отсто. На месечно ниво, од август до септември трошоците на граѓаните се зголемени за 1,6 отсто. Извештајот кој го објави Државниот завод за статистика покажува дека за една година трошоците на граѓаните за набавка на храна и пијалоци се зголемени за без малку 30 отсто. Режиските трошоци се повисоки за речиси 20 отсто. Податоците покажуваат дека за истиот период граѓаните имаат зголемени трошоци и за транспорт, над 13 отсто.
Трошоци на живот
Храна и безалкохолни пијалаци 28,7 %
Домување ( сметки за вода, струја, и др.) 19,4 %
Транспорт 13,6 %
Мебел 13 %
Хотелски и ресторански услуги 26, 1 %
Извештајот на статистика само ги потврдува реакциите во јавноста дека дел од прехранбените производи сега стануваат луксиз. За една година лебот и житариците се поскапи за 50 отсто, месото за над 26 отсто, рибата за 13 отсто, зејтинот е поскап за 45 отсто, овошјето и зеленчукот околу 15 отсто. Џемот и останатите кондиторски производи се поскапи за 23 отсто, кафето чајот и какаото за 18 отсто. Граѓаните кои ги анкетиравме пред камерата на Алсат тврдат дека во последниов период забележале кај дел од производите и зголемување на цените за над 100 отсто.
По серијата зголемувања на цените на млечните производи, владата реши да ја ограничи и маржата на урдата, крајвото бело сирење и мешаното бело сирење, кашкавалот, киселото млеко како и на павлаката и јогуртот. За овие производи се ограничува највисока трговска маржа до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало. И додека секојдневно вртоглаво растат цените, а домашниот буџет станува недоволен да се помине месецот, во владата се уште се кројат конкретни антикризните мерки за намалување на инфлаторниот шок./Alsat.mk
Ајнур Бафќари