Инспекторите очекуваат аерозагадувањето зимава да биде ужасно!

Енергетската криза нема да биде оправдување за компаниите кои ќе ги надминат дозволените количина на штетни издувни гасови од производствените капацитети. Истото ќе важи и за домаќинствата кои ќе бидат контролирани од општинските инспектори. Од Државниот инспекторат за животна средина очекуваат зимава да имаат зголемен обем на работа.
„Ние секоја есен предвидуваме контрола на големите индустриски капацитети, особено каде што се користи нафта или мазут. Очекуваме сега дека оние кои до сега работеле на гас, сега ќе поминат на мазут, така да загадувањето ќе биде уште поголемо“, рече Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.
Рударскиот сектор е најголем загадувач на животната средина, но ништо подобри не се и од останатите тешки индустрии. Државниот инспекторат утврдил дека добар дел од јавните претпријатија не ја плаќале задолжителната такса за животна средина кон државата, иако за тоа им наплатиле на граѓаните. Податоците кои денеска ги објави овој инспекторат велат дека во првите шест месеци од годинава се извршени 1.057 контроли, од кои во 233 случаи биле утврдени неправилности.
Иле Петревски