Институциите молчат за уникатното гласање на пратеникот на ДУИ, Јахоски, во Пласница

Полицијата и Обвинителството ги затворија очите за чинот на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, кој вчера за време на гласањето за градоначалник во Пласница, побара јавно да гласа, а потоа пред камери го покажа и гласачкото ливче. Нема информации од МВР во врска со можна кривична пријава против него, а од Јавното обвинителство велат – не биле известени за таков прекршок.
Обвинителството кратко информира дека ако полицијата поднесе кривична пријава, тогаш ќе постапува во согласност со законот. За настанот не коментира ниту самиот Јахоски. На телефонско прашање зошто се обиде јавно да гласа, тој ни рече дека нема коментар, а одби да одговори и на прашањата дали очекува да бидат преземени мерки против него. Мотив за ваквата постапка, според Јахоски, било да докаже дека тој гласал против неговиот брат Алија Јахоски, кој беше кандидат за градоначалник, а потоа и ја доби функцијата.
Јахоски: Дали може да се гласа јавно?
Набљудувач: Не, не е дозволено.
Јахоски: Знам, но дали можам?
Набљудувач: Знам зошто сакате да гласате јавно. Можам да замислам. Сакате да гласате против вашиот брат.
Јахоски: Да.
Набљудувач: Можев да замислам. Но, не, зад параванот те молам.
Јахоски: Сакав да гласам јавно и да ви кажам. Погледнете за кого гласав!
А, како да не му беше доволно прикажувањето на ливчето, туку Јахоски потоа извади гласачко ливче од кутијата за да се фотографира со него.
Јавното гласање е спротивно на одредбите на Изборниот законик. Членот 163 ја санкционира повредата на тајноста на гласањето со најмалку 3 години затвор. И покрај доказите што излегоа во јавноста, Државната изборна комисија не соопшти за никакви неправилности во процесот на гласање во Пласница. За повреда на изборниот процес може да се дискутира во фазата на доставување на жалби.
Адриан Керими