Институциите си ја префрлаат одговорноста за непостапувањето против Мерко

По судирот меѓу Бирото за судски вештачење и Обвинителството за организиран криминал, случајот на Рамиз Мерко конфронтираше уште две институции за тоа кој направил, односно не направил доволно да се истражат постапките на Рамиз Мерко.
Од Антикорупциската комисија се зачудени од соопштението на Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, во кое таа се пожали дека Антикорупциска погрешно ја обвинува и дека нема надлежност во случајот со локалната власт. Антикорупционерите велат дека во случајот со Мерко воопшто не ја спомнале Грковска за време на нивната прес-конференција завчера.
Комисија за спречување на корупцијата:
“Непостапувањето на другите институции не е одговорност на ДКСК затоа што согласно нашите законски надлежности и ингеренции немаме механизми за да влијаееме на нивната работа и динамика на постапување. Неопходно е во интерес на граѓаните и во интерес на напредокот на решавање на случаите на корупција заеднички сите надлежни тела да ги насочат своите капацитети со иста цел, наместо неосновано да се напаѓа работата на ДКСК“.
Оваа реакција доаѓа откако претходно кабинетот на вицепремиерката Славица Грковска соопшти дека Антикорупциската комисија, предводена од претседателката Иваноска, се обидува да ја префрли одговорноста за постапување или непостапување на Антикорупциската комисија и врз други институции.
Кабинет на вицепремиерката Грковска:
“Имајќи ја предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, вицепремиерката Грковска нема и не може да има надлежност врз функционер кој е избран на непосредни избори. Од тие причини, вицепремиерката Грковска во оваа насока може да даде само препораки во однос на почитување на принципите за добро владеење и ништо повеќе“.
Вчера, од Бирото за судски вештачења соопптија дека случајот Мерко е во застој веќе три години, затоа што Обвинителството за гонење на организиран криминал одбило да достави дополнителна документација, со што се оневозможи докажувањето на кривичното дело. Обвинителството, од друга страна, не споделува детали за каков случај станува збор.
Домашните институции почнаа да се обвинуваат меѓусебно за непостапување во случаите за соменвања за злоупотреба на службената должност од страна на Мерко, откако САД го прогласија за персона нон грата поради неговата вмешаност во сериозна корупција.
Фатлуме Дервиши