Интерпелациите против Меџити, Стоилковиќ, Тошковски, Исени и Даути на дневен ред во Собранието

Собранието денеска (10 јануари) треба да ја започне 29-тата седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.
Најголем дел од парламентарните партии и од власта и од опозицијата нема да ги прифатат интерпелациите поднесени против четворицата актуелни владини министри, додека за интерпелацијата на Даути изјавија дека ќе биде изграден став пред седницата денеска.
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.