Интерпелациите за четворица министри без поддршка, за Даути неизвесно

Имајќи ги предвид актуелните ставови на парламентарните политичките партии од мнозинството и од опозицијата, на собраниската седница закажана за в петок, се очекува отфрлање на четирите интерпелации за актуелни министри поднесени од Европскиот фронт, додека за петтата интерпелација за претседателката на Комисијата за труд Илире Даути, дел од пратениците најавуваат дека утре или задутре ќе го изградат својот став.
Сепак, како што брифираат пратеници, дури и да се изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, Европскиот фронт може повторно да ја предложи Даути и таа пак да биде претседателка на истото собраниско тело.
Според собранискиот Деловник, за интерпелациите дебатата и гласањето ќе бидат поединечни. Ќе дебатираат онолку пратеници колку што се пријавиле, но на крај на денот односно пред полноќ треба да се гласа. Сепак, пратениците се надеваат дека целата дебата би можела да заврши за еден ден.
Пратеничката група на СДСМ, како што изјави денеска портпаролката на партијата Богданка Кузеска, останува на веќе соопштениот став од почетокот на декември минатата година дека нема да ги поддржи четирите интерпелации поднесени за работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Додека во однос на интерпелацијата за Даути рече дека ставот ќе биде изграден на координација.