Исчезна постот од СДСМ – Арачиново за вработување во АРМ

СДСМ не мисли дека треба да сноси одговорност по вчерашниот скандал, кога огранокот на оваа партија во Арачиново преку официјалната фејсбук страница ги повика сите апликанти за работни места во армијата да се јават кај шефот на огранокот. Пратеникот Миле Талевски од СДСМ, вели дека се оградуваат од ваквата постапка на огранокот во Арачиново.
Шефот на огранокот на СДСМ во Арачиново, Арбен Рамадани, одби да каже зошто мора кај него да се јават жителите кои сакаат да се вработат во Армијата како професионални војници.
Во меѓувреме, опозицијата обвинува дека СДСМ и Владата мора да одговорат како тоа во земја-членка на НАТО професионални војници се вработуваат преку партиски ограноци. Според ВМРО-ДПМНЕ, постапката на СДСМ е срам за државата.
Од Движењето БЕСА коментираат дека овој случај докажува дека власта го загубила кредибилитетот да води јавни институции.
„За жал, објавувањето на конкурсот на профилот на огранокот на СДСМ Арачиново, ја докажува горчливата реалност на екстремна партизација на државните институции. Недозволиво е членка на НАТО вработувањето во професионалната армија да го врши преку партиски ограноци. Ова докажува дека Владата на СДСМ и ДУИ го загубила кредибилитетот да раководи со јавните институции“, рекоа од Движењето БЕСА.
Во меѓувреме, по бројните реакции во јавноста, од социјалните мрежи е избришан спорниот пост. На пладне дури на истата страница пишуваше дека објавата од вчера на ја напишале од огранокот во Арачиново, туку профилот им бил хакиран.
Мефаил Исмаили