
Руски авион АН-26 со најмалку 28 лица исчезна од радарите на полуостровот Камчатка на крајниот исток на Русија. Како што објавија повеќе новински агенции, авионот летал од Петропавловск-Камчатски кон градот Палана, а изгубил контакт со контролата на летање при обид за слетување. Регионалниот огранок на руското Министерство за вонредни состојби соопшти дека во авионот имало 22 патници и шест члена на екипажот. Меѓу патниците имало и две деца на возраст под 12 години.
Според информации на руската новинска агенција „Интерфакс“, авионот бил исправен, а контактот со контролата на летање го изгубил десетина минути пред да слета. Спасувачките екипи го бараат и на копно и на море. Според информациите од метеоролошките служби, времето било облачно и имало магла.