Исчезнаа мајка и ќерка од Куманово, полицијата трага по сопругот

Полицијата два месеци трага по Сабина Сабединовска и нејзината ќерка Елиф Идик, кои се водат за исчезнати од 9 септември. Случајот во полиција го пријавил член на семејството на Сабина, жителка на скопско Шуто Оризаре. Полицијата ги презеде сите чекори и оперативни мерки. Известени се и органите на кривичното гонење, но се покажа дека Сабина Сабединовска и Елиф Идик не ја напуштиле државата.
„Спроведовме неколку разговори со сведоци и членови на семејството, вклучително и одредени проверки на терен. Известени се сите гранични пунктови, но констатирано е дека државјаните СС и ЕИ не ја напуштиле државата во службена форма и во моментов се третираат како исчезнати“, наведуваат од МВР.
Лицето пријавител разговарало со сопругот на Сабина, со кој живееле заедно во Куманово, Дерхан Камберовски, државјанин на Србија. Истото лице изјавило дека Сабина и нејзината ќерка „побегнале со непознато лице со црно БМВ“. Тука се појавиле првите сомнежи дека е извршено тешко кривично дело и дека исчезантите мајка и ќерка може да се убиени од Камберовски.Полицијата до оваа информација дошла благодарение на сведок кој разговарал со Дерхан Камберовски, додека овој бил во алкохолизирана состојба.
„Го видов неколку дена пред да исчезнат. Го прашав за ќерката и неговата сопруга, ми рече дека во следните неколку дена ќе се знае нешто многу големо, што се случило неодамна“, вели еден од сведоците.
Поради неколку вакви сведочења полицијата по налог на Обвинителството истражи неколку адреси. Во неофицијални околности се дознава дека во куќата каде што заедно живееле, Дерхан Камберовски и Сабина Сабединовска, се пронајдени докази, нож со крв и коса.
Неофицијално се дознава дека полицијата во моментов ги проверува, и се обидува да ги лоцира телефонските броеви што ги користеле инволвираните во криминалниот настан, а кои досега не дале конкретни резултати. Дерхан Камберовски, и понатаму е недостапен за полицијата, додека Сабина и нејзината ќерка се исчезнати. За Камберовски, чие криминално досие зборува за мноштво тешки кривични дела, и понатаму се трага.
Адријан Керими