Иселениците ја спасуваат сезоната за Нова Година во Струга

Во отсуство на домашни и странски гости во поголем број, новогодишната сезона во Струга ќе ја спасат печалбарите од странство. Бројни иселеници од Западна Европа деновиве се вратија во родниот крај за празниците да ги поминат со најблиските роднини.
„Дојдовме на неколку дена, на една недела. Имаме работа дома и да го видам моето место. Јас сум од Корошишта. Семејството е таму ,таму живееме и доаѓаме тука, три до четири пати во годината.“
„На пет дена, дојдовме од Австрија, дома. Дома ќе бидеме. Дојдов во моето родно место. Да, да, има многу кои дојдоа од Австрија како што гледате.“
„Од Италија сме. Две недели ќе останеме. Каде ќе ја дочекате Нова година? Дома, се знае гурбетчиите од каде доаѓаат од странство дома и од дома пак на исто место каде печалат едно парче леб…“, рекоа дел од анкетираните иселеници.
Струшките дуќани работат со полна пареа. Се чувствува зголемена раздвиженост и низ чаршијата. Иселениците ја раздвижија локалната економија.
„Дојдоа малку, дај Боже да дојдат уште повеќе овие дена. Работите се движат така да, задоволни сме и се надеваме на уште подобро…. Фала му на Бога има движење, не е за жалење“, вели Полум Дука, уличен продавач.
И во Охрид ќе биде полно за Нова Година. Додека хотелите се само половично исполнети, добра посетеност бележи приватното сместување.
„Сите приватни сместувачки капацитети се пополнети. Доаѓаат тур-оператори, туристички агенции од регионот кои на големо вршат закуп на приватните сместувачки единици…“, рече Климент Наумов, туристички водич.
Во Охрид ќе има дочек на новогодишната ноќ на отворено на градскиот плоштад. Концерти на отворено се планираат и за први јануари.
Мики Трајковски