Истекува фекална вода во Охридското езеро

Од овие фотографии направени деновиве се гледа како добар дел од површината на Охридското езеро, кај населбата Грашница е обоен во темна боја. Станува збор за фекалии и друга отпадна вода којашто се слева во езерото поради нефункционалниот колекторски систем. Според дел од екологистите, станува збор за еколошка катастрофа.
„..Ова е клучен проблем затоа што многу често се случуваат и заразни болести, стомачни болести. Имаме такви информации од гостите што доаѓаат тука, така што навистина срамно е да се случува тоа во 21 век, а искрено не гледаме некоја надеж дека тоа ќе се реши“, рече Борче Стојаноски-еколошко друштво Грашница.
Државата пред повеќе од две години реконструираше дел од колекторот, но не и регионот околу Грашница. Локалните угостителски објекти бараат државата итно да го реши проблемот.
„Сликата не е добра, тоа е анти-реклама за сите нас. Луѓето кои живеат овде се затекнати. Сите губиме“, рече Муса Рашид-сопственик на хотел.
Во увидот на Државниот инспекторат за животна средина стои дека при вонредниот инспекциски надзор констатирале дека станува збор за мешање на атмосферска и фекална вода од колекторскиот систем. Инаку, во минатото оваа плажа важеше за градска плажа во Охрид и беше меѓу најпопуларните на езерското крајбрежје.
Мики Трајковски