Историската комисија ќе работи според свои принципи, вели Ѓоргиев

Историска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе работи според свои принципи и правила. Копретседателот на македонскиот дел на Комисијата Драги Ѓоргиев синоќа рече дека нивна работа е да работат придржувајќи се до принципите до кои досега се придржувале, а тоа се академските научни принципи и меѓусебно почитувањето.
Ѓоргиев рече дека не чувствува преголем притисок од Протоколот потпишан со Бугарија, истакнувајќи дека роковите ги поставуваат политичарите, додека Комисијата има своја рутина, правила и свои принципи.
– Протоколот за Комисијата нема некое, би рекол, преголемо значење, бидејќи Комисијата и досега работеше оптимално онака како што членовите на Комисијата сметаа дека треба да работиме. Протоколот е еден политички документ меѓу двете влади за тоа како владите, македонската и бугарската, гледаат на подобрување на односите меѓу двете држави. Во тие односи еден сегмент е и нашата Комисија, и таа Комисија функционира веќе четири години и функционира според еден свој ритам, рече Ѓоргиев синоќа во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.