Истрагата на Обвинителството за бегството на Мијалков тапка во место

Две недели откако избега па се врати, се уште останува непознато како Сашо Мијалков исчезна пред очите на полицијата. Откако 40 часа никој не знаеше каде е поранешниот директор на тајната полиција, тој сам се пријави во обвинителството да си го подигне решението за куќен притвор – иако беше баран и со домашна и со меѓународна потерница. По 14 дена од бегството и камбекот на Мијалков, премиерот Зоран Заев посочи дека деталите за бегството ги има обвинителството, иако тој пред две недели одржа пресконфернеција по враќањето на Мијалков и порача дека со одлучно „тропање на маса“ институциите го приморале да се откаже од бегање и криење.
„Јавниот обвинител треба да ви даде детали. Истрагата ја води обвинител определен од републичкиот обвинител. Јас ако знам детали од истрагта, тогаш отишла истрагата. Јас не треба да знам, јас можеби сум дел од истрагата. И министерот за внатрешни е дел од истрагата. Министерот за правда. И обвинителството треба да каже за делот од истрагата“, рече Заев.
Па прашавме во обвинителството, што презеле во изминиативе две недели. Дали го викнале Сашо Мијалков да даде изјава за случајот. Дали земена е изјава од министрите за правда и полиција, обвинителката Вилма Русковска. Обвинителството на овие прашања во изминативе две недели, ни испрати три исти одговори на 26 – ти февруари, на 5 – ти март и денеска.
„Интензивно се преземаат дејствија и издадени се повеќе наредби со цел да се обезбедат докази за евентуално кривично дело. Но, со цел да не и се наштети на постапката, Обвинителството не е во можност да сподели повеќе детали додека не ги добие првичните конкретни наоди од направените проверки“, наведуваат од Обвинителството.
Сашо Мијалков е во притовр од 25 – ти февруари откако беше осуден на 12 години затвор за масовното прислушување. Едно од делата во меѓувреме му застаре и казната се скуси за три години. За сега нема одговор како Мијалков исчезна па се врати со објаснување дека не бегал, туку само се изолирал оти имал сомнеж дека можеби има корона иако беше болен од КОВИД 19 лани есента.
Бојан Стојановски