Истрагата за скандалот на Онкологија е во тек, а постапката се води против пет лица
Истрагата за скандалот на Онкологија е во тек, а постапката се води против пет лица

Скандалот со случајот на Клиниката за Онкологија во Скопје кој ја потресе јавноста минатата година откако беше обелоденето дека на клиниката е разработена криминална мрежа за препродавање на скапи лекови за лицата болни од рак и натаму е во истражна постапка. Почнувајќи од почетокот на септември 2023 година Обвинителството вршеше претреси во клиниката и кај осомничени лица, а кон крајот на јануари годинава беше поведена и истражна постапка против пет лица за злоупотреби на Клиниката за Онкологија. До денеска, истрагата за случајот и натаму трае.
„Во однос на предметот за кој покажувате интерес, истрагата е во тек, по наредба на јавниот обвинител се вршат медицински вештачења во странство.
Истражната постапка која обвинителството јаотвори на 31 јануари, се води против пет лица, односно против поранешните директори Нино Васев и Нехат Нухи, како и против тројца доктори онколози”, велат од Основно Јавно Обвинителство.
Медицинските вештачења, кои се уште се чекаат за постапката да продолжи, се вршат во Словенија, а до тогаш пациентите и нивните семејства и натаму ќе бараат одговори и правда. Во текот на минатата година беа организирани и неколку протести пред Влада, но и пред Обвинителството, кога и самите пациенти на онколошката клиника бараа одговори за наводите за злоупотреба со лековите кои за нив живот значат. За овој случај беше формирана и Анкетна комисија во Собранието, но и тоа заврши неславно, бидејќи пратениците од редовите на тогаш владејачката СДСМ не ги признаваа заклучоците донесени од Комисијата.
Претседателката на комисијата, Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, презентирајќи ги заклучоците од работата на Комисијата рече дека политичка одговорност се утврдува и кај ексминистерот за здравство Венко Филипче, ексдиректорите на болницата, но и кај поранешните директори на фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Сепак тогаш, пратениците на СДСМ на пресконференцијапобараа оставка од претседателката Мизрахи со образложение дека ова се само заклучоци на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, а не и заеднички став на комисијата.
Во меѓувреме,токму Клиниката за онкологија е најголем должник кога се здравствените установи во прашање, и тоа со сума од околу 650 милиони денари. Од раководството на Клиниката пак соопштија дека се во разговори со Фондот за здравство за да се изнајде начин за покривање на дупките, а годинава очекуваат и поголем буџет поради зголемениот број на болни лица кои доаѓаат во клиниката./Алсат.мк
Михаило Донев