ВЕСТИЗДРАВСТВО

Истрагата за скандалот „онкологија“ се шири кон Косово

Ова се досиејата кои во моментов ги има обезбедено обвинителството за скандалот на Клиниката за онкологија. Од обвинителството велат дека се во фаза на прибирање на докази и од соседните земји бидејќи постои сомневање дека пациенти од Косово и други држави се лекувани со терапии добиени од Скопје. Тим обвинители на Јавното обвинителство во текот на неделата биле во Косовското обвинителство и одржале состанок во насока на обезбедување на докази поврзани со истрагата. Паралелно со тоа се испрашуваат пациенти и нивни роднини, медицински персонал и други лица кои можат да имаат информации за случајот.

Advertisements

„Во овој дел од постапката не можеме да објавиме кои докази се прибрани, но ја нагласуваме сериозноста и итноста во која ова обвинителство ги спроведува доказите. Во текот на неделата наши обвинители се сретнаа со обвинители од Косово со цел постапката да не се одолговлекува и да се преземат сите активности кои се неопходни во делот на истрагата за овој случај“, велат од ЈО.

Косовските власти, преку контакт-центрите во Европската мрежа за правда, побараа конкретни податоци потребни за проверка на наводите врз основа на кои е започната истрага. Воедно, косовските обвинители изразиле подготвеност за соработка и обезбедување на потребните податоци. Во наредниот период, во зависност од потребите на истрагата, слична средба ќе се организира и во Обвинителството на Република Албанија. Во меѓувреме и Министерството за здравство ги достави и своите досиеја до обвинителството во Скопје.

„Министерството за здравство до ОЈО го достави извештајот од Државниот здравствен и санитарен инспекторат кој се однесува на работата на Клиниката за онкологија“, велат од Министерството за здравство.

Исто така, по наредба на јавен обвинител, во тек е финансиска истрага и детална ревизија на економско-финансиското функционирање на Клиниката, која ја врши тим од експерти, ревизори на Државниот завод за ревизија и претставници на Фондот за здравствено осигурување.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button