МЕТРОПОЛ

Истражување: Сѐ повеќе наставници ѝ отстапуваат место на вештачката интелигенција

Ново истражување на „Галуп“ покажува дека 60 отсто од наставниците во американските основни и средни училишта користат некаква форма на алатки со вештачка интелигенција (ВИ) во нивната работа. Најчесто ја користат за креирање работни листови или активности, за персонализација на наставните материјали според потребите на учениците и за подготовка на часови.

Advertisements

Заштеденото време, кое во извештајот се нарекува „ВИ-дивиденда“, наводно им се враќа на учениците преку повеќе внимание од страна на наставниците и подобрување на односот со нив.

Наставниците што учествувале во истражувањето изјавиле дека користењето на вештачката интелигенција ја подобрува нивната работа: 74 отсто за административни задачи и 57 отсто при оценување. Од друга страна, 16 отсто од наставниците сметаат дека вештачката интелигенција негативно влијае врз квалитетот на нивната работа.

Истражувањето открило дека алатките на вештачката интелигенција помагаат во надминување на постојните празнини во образованието.

57 отсто од наставниците се согласуваат дека вештачката интелигенција ќе ја подобри достапноста на наставните материјали за ученици со попреченост.

Кај наставниците по специјална едукација ова согласување е уште повисоко, односно 65 отсто.

Извештајот забележува дека овие предности се појавуваат само кај наставници што редовно користат вештачка интелигенција. Оние што користат ВИ алатки помалку од еднаш неделно доживеале значително помала заштеда на време во споредба со поактивните корисници.

И покрај напредокот, 40 отсто од наставниците сè уште не користат вештачка интелигенција, а само 19 отсто изјавиле дека нивното училиште има јасно дефинирани правила за користење на вештачката интелигенција во наставата.

Степенот на прифаќање варира и според видот на училиштето, па наставниците од средните училишта се меѓу најинтензивните корисници на вештачка интелигенција, но истовремено и меѓу оние што најчесто се спротивставуваат на нејзиното користење.

Извештајот посочува дека и наставниците и учениците се загрижени за тоа како користењето на ВИ ќе влијае врз нивните вештини за критичко мислење и отпорност во решавање проблеми.

Сепак, заклучокот на истражувањето е оптимистички и смета дека вештачката интелигенција во училиштата има потенцијал значително да влијае врз подобрувањето на образованието.

Извор: Gallup

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button