
Кандидатката за премиер на Бугарија од редовите на ГЕРБ-СДС, Марија Габриел, денеска во 15 часот по локално време ќе му го врати на претседателот Румен Радев првиот мандат за формирање влада, со оглед на тоа дека не обезбеди доволно гласови за да формира кабинет.
Првично ДПС и „Има таков народ“ (ИТН) најавија поддршка за експертска влада, но синоќа, според неофицијални информации, ГЕРБ и „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) разговарале за поддршка на влада со втор мандат, чиј премиер би се менувал на ротациона основа, пренесува бугарскиот портал Медиапул.
Од ПП-ДБ изјавија дека нема да поддржат кабинет со мандат на ГЕРБ, туку ќе предложат своја влада со втор мандат, со надеж дека ќе ја поддржи партијата на Бојко Борисов. БСП исто така нема да гласа за кабинетот предложен од Габриел. И ПП-ДБ и БСП ја отфрлија можноста нивните заменици да отсуствуваат на денот на гласањето на владата или какви било други „игри“ што ќе овозможат избор на влада на „задна врата“, пишува БГНЕС.