ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Итна промена на девет закони во корист на Бехтел и Енка

Итна промена на девет закони во корист на Бехтел и Енка

Додека голем дел од законите битни за граѓаните и бизнисот со месеци се заглавени во Собранието и чекаат добра волја од пратениците и собранискиот спикер да бидат ставени на дневен ред, утре на пленарна седница се најавени девет предлог закони и сите се закажани да бидат донесени по скратена постапка.

Advertisements

Станува збор за измени на законски решенија кои ќе имаат примена на најавените градежни работи на коридорите 8 и 10 Б. Измените ги предлагаат пратеници од владеачката коалиција, најголем дел од нив се од ДУИ. Пратениците од владеачкото мнозинство предлагаат да се измени Законот за земјоделско земјиште, поточно да се забрза постапката на промена од земјоделско во градежно земјиште, да се елиминираат бирократските процедури и да се намали времето на чекање на потребната документација.

Вторите измени на закон се во делот на експропријацијата. И тука станува збор за забрзување на постапките со образложение дека изградбата на автопатите е од стратешки интерес на државата.

Следуваат измените на законот за кои има и најмногу реакции во јавноста а тие се во делот на заштитата на културното наследство. Имено, ако во дел од предвидената траса во тек на градба се утврди дека има парцели кои се археолошки локалитет, во тој случај изведувачот ќе нема потреба како досега да извести некоја надлежна државна институција, туку само да пријави кај надзорот на проектот. Побрза постапка се предвидува и во предложените измени во Законот за урбанистичко планирање со образложение дека во редовна постапка можеби ќе биде потребно и повеќе од една година да се реализира потребната активност.

Се предлагаат и измени во Законот за минерални сурови со кои ќе се поедностави процесот на добивање на концесија за одредена дејност а е поврзана за градбата на автопатиштата кои треба да ги гради Бехтел и Енка. Во измените на законските решенија, за кои веќе реагираа синдикатите се предлага да се зголемат работните часови на градежните работници кои ќе бидат на терен, се со цел да биде овозможено тие да работат повеќе од осум часа дневно.

Планот на владеачкото мнозинство во собранието е и да се променат правилата во законот за шуми во делот на користење на дел од земјиштето кое се наоѓа во шумски предели без притоа да се решаваат сите бирократски процедури за пренамена на земјиштето. По брза постапка се предлага да се добијат и сите потребни градежни дозволи и документи и тоа да биде овозможено со измени на Законот за градба. Со последните измени на законските решенија, пратениците од власта ќе побараат стратешкиот инвеститор во Македонија да добие ослободување од плаќање на данок на додадена вредност, и акциза за енергенти.

Инаку, од самиот старт на проектот го тресат неколку скандали и сомневања за нерегуларности. Прво американско – турскиот конзорциум беше избрана од владата без јавен оглас, а тоа значи елиминирана конкурентноста. Потоа, пропадна првиот тендер за избор на надзор на градежните работи. Вториот тендер кој беше успешен пак, донесе неколку спорни моменти, како на пример сопственикот на една од компаниите во конзорциумот се бара за направено кризично дело во Ерменија, една од фирмите добива лиценца за надзор за само четири дена во земјава, има недоволен број на овластени инженери, а има и компанија која примарна дејност и било производство на долна облека а сега ќе надгледува градежни работи вредни повеќе од 1,5 милијарди евра./Alsat.mk

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button