Ивановска: Постојат спреги што не дозволуваат институциите да функционираат како што треба

Во последните четири години Антикорупциската комисија изработила голем број предмети, а заклучно со 2022-ра година, има дадено повеќе од 100 иницијативи и препораки, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска. Сепак, како што додава таа, во државата има спреги коишто не дозволуваат институциите соодветно да функционираат.
„…постојат спреги коишто не дозволуваат институциите да функционираат како што треба. Дали да тргнеме од негативна селекција, избор на раководна структура, вработувања…на секој можен начин, во секоја пора се обидува да се влијае. А, на тоа ако се додаде и недостигот на интегритет кај поединци коишто се поставени на несоодветен начин на одредени позиции, коишто имаат за враќање таму од каде што ги поставиле, многу јасно е дека ќе се функционира на ваков начин“, вели Ивановска.