Ивановска: Со законот за потекло на имот, се ќе излезе на виделина
Ивановска: Со законот за потекло на имот, се ќе излезе на виделина

Со зачестените повици за засилена борба против корупцијата се реактуелизираше прашањето за Закон за потекло на имот на функционерите, судиите и обвинителите. Засега имотната состојба на функционерите единствено се констатира од страна на антикорупционерите, но тие немаат законска основа да ги следат промените во имотот.
„Помина подолг период, којшто им овозможи на носителите на функции во правосудниот систем да го расчистат својот имот. Затоа има една клучна контрола којашто може да се спроведе, а тоа е Закон за потекло на имот. Тој би важел за сите граѓани и тогаш ќе излезе на виделина сè… и тој имот што е потсокриен и тој што е на виделина“, рече Билјана Ивановска – претседател на Антикорупциска комисија.
Според аналитичарите ваков закон значајно ќе придонесе во борбата против корупцијата, а за неговото недонесување, иако драфт верзија за Закон за потекло на имот беше подготвена пред неполни две години, тие велат дека е неопходна политичка волја. Дотогаш, како што вели поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, постојните анкетни листови можат да бидат добра основа за проверка на имотот.
„Голем број од анкетните листови се пополнуваат со не-одговор на прашањето од каде е тој имот. Тоа е одредена индикација и со тие индикации ако се тргне ќе се дојде до одредени сознанија“, изјави Маргарита Цаца Николовска – поранешна судијка во Стразбур.
За разлика од сегашната обврска избраните и именуваните лица да поднесуваат анкетен лист за имотната состојба додека трае нивниот мандат, ваквата обврска во драфт верзијата добива поширок опфат во смисла на времетраењето на увидот во имотната состојба. Една од новините во драфт законската верзија е што испитување би се вршело и доколку имотот е префрлен на трети лица./Alsat.mk
Лука Андреев