Ивановска за изјавата на Гаши: Се потврдува дека најголемиот ризик од корупција е политичкото влијание

Не треба да се избрзува пред институциите да го кажат својот збор, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, во своето вечерашно гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат. Запрашана за коментар во врска со изјавата на лидерот на политичката партија Алтернатива, дека нивниот член, Хусни Исмаили, за кој Антикорупциската препорача Јавното обвинителство да отвори истрага, е невин, Ивановска вели:
„Се потврдува она што неколку пати го споменуваме во јавноста, она што е напишано во националната стратегија, дека најголемиот ризик од корупција во нашата држава е политичкото влијание. Уште еднаш тоа се потврдува. Нема потреба лидерот на политичката партија да кажува дали некој е невин или не е невин“, вели Ивановска.