
За прв пат по Дејтонскиот договор од 1996 година, со кој беше востановено тричлено Претседателство на БиХ со по еден претставник од секоја национална заедница, бошњачката заедница за член на Претседателството на БиХ не избра политичар од т.н. стара гарда, односно некој од поранешните блиски соработници на Алија Изетбеговиќ. Неговиот син Бакир, поранешен член на Претседателството, доцна синоќа призна дека ги изгубил изборите од неговиот противкандидат, предводникот на опозициската коалиција, социјадемократот Денис Беќировиќ. Во својата изјава, Изетбеговиќ се пожали дека не можел да ѝ се спротистави на коалицијата составена од 11 партии и како што рече, неколку амбасади.
По цели 37 години на високи позиции во политиката, актуелниот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, е на пат да биде поразен во битката за претседател на Република Српска.
Нешто пред полноќ, неговата противкандидатка, универзитетската професорка Јелена Тривиќ прогласи победа со освоени 52 отсто од гласовите. Вети драматичен прекин со политиката на Додик, расчистување со криминалот и корупцијата и изградба на богата и силна Република Српска во сложената политичка структира на која се нарекува Босна и Херцеговина.