Исчезна бистата на поетот Славко Јаневски од алејата на поетите во Струга, вандали ја откорнале од постаментот

Непознат сторител или сторители ја откорнале од постаментот и украле бистата на македонскиот поет Славко Јаневски од алејата на поетите на кејот на истекот на реката Црн Дрим во Струга.
Како што информираат утрово од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, дека бистата е исчезната било утврдено вчера при вообичаена проверка. Исто така било констатирано дека и бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин било видливо разнишани во, како што велат од установата, очигледен обид да бидат откорнати од постаментите.
„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови“, велат од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.