Изгласан новиот состав на ДИК, Александар Даштевски претседател

Александар Даштевски ќе управува со највисокото изборно тело. Собранието денеска го избра за претседател на Државната изборна комисија по предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата го поддржа и Бобан Стојановски кој стана член на ДИК. Втора рака на Даштевски ќе биде досегашната потпретседалка на ДИК, Дитмире Шеху од ДУИ. СДСМ ги поддржа досегашните Борис Кондарко и Радица Ристеска, а нов член во ДИК ќе биде поранешниот заменик-министер за правда, Оливер Ристевски. И Кренар Лога стана нов член и тоа по предлог на Коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива. Пред гласањето немаше дискусија. Лесно се стигна до двотретинско мнозинство.
„Сите 95 гласаа „за“, против и воздржани нема. Констатирам дека Собранието ја донесе одлуката за избор на претседател, потпретседател и членови на Државната изборна комисија“, рече Талат Џафери, претседател на Собранието.
Движењето БЕСА ќе нема место во комисијата поради предизборната коалиција со СДСМ. Тие денеска во Собранието побараа да се направи нов модел за изборот на составот на ДИК.
„Државната изборна комисија да има професионални членови, да бидат непартиски и тоа да биде едно тело кое нема да може да се оспирува од други тела…“, рече Кастриот Реџепи, БЕСА.
Во новиот состав на ДИК нема да биде досегашниот претседател Оливер Дерковски. Тој е еден од осомничените за скандалот со крахот на веб-сајтот на ДИК кога на денот на изборите лани на 15 јули воопшто не се објавуваа резултатите од гласањето.
Игор Стефановски