Изгоре дел од магацинот на „Фриком“

Ова се остатоците од вчерашниот пожар кај качанички пат во непосредна близина на бензинска пумпа, а во пожарот изгоре и дел од фабриката Фриком
Делот од пожарот кој се наоѓа на само педесетина метри од бензинската е целосно изгаснат, додека во изгорениот дел од магацинот на комапнијата „Фриком“, која ја снабудува Македонија со сладолед, се уште може да се види чад, па неколкумина вработени со пумпи со вода интервенираат за огнот повторно да не се разгори. Од „Фриком“ информираа дека повредени нема, како и дека веќе се прават проценки за направената штета од пожарот.
„Најважно за нас е што ниту еден од вработените и луѓето што учествуваа во гаснењето на пожарот не е повреден. Нашите тимови веќе работат на проценка на состојбата и реорганизирање на деловните планови, за да можеме што поскоро да обезбедиме непречена дистрибуција и да се вратиме на секојдневните работни рутини“, наведуваат од Фриком.
Покрај овој пожар, во земјава десетици пожари беснеат на повеќе локации во земјава, а премиерот вели дека надлежните веќе поседуваат докази дека дел од нив се подметнати.
„Не само што се сомневаме туку имаме и докази, имаме и приведени лица, коишто тоа го правеа, посебно на територијата на Скопје, на градот Скопје. Затоа што пожарот, кој што вчера да речеме се случи во близина на Смилковското езеро, беше навечер, после 9 часот, и тоа што го најдовме таму, но и три лица кои потоа беа пронајдени укажуваат на тоа дека постои основано сомневање за координирана и добро осмислена акција, посебно во Скопје“, рече премиерот Мицкоски.
Вчера и министерот за внатрешни работи рече дека пожарите се подметнати и дека станува збор за одредено сценарио, кое како што рекоа, се сака да се постигне во Македонија. Во однос на справувањето со пожарите на терен, активиран е и европскиот механизам за гасење, па така, два канадери од Грција и два пешадиски тимови од денеска ќе бидат ставени во функција.
Михаило Донев