
Репрокетирање на трасата но и експропријација на земјиштето е причина за одолговлекување на изградбата на автопатот Охрид – Кичево – вели министерот за транспорт и врски Бочварски. Според него дури 25% од целата траса била репроектирана.
„Целото репроектирање на овој автопат, ублажувањето на косините, предизвика да се појави ново земјиште кое треба да биде експроприрано. Заради нови проекти, ние треба да влеземе во постапки на регулирање на имотно правните односи и експропријација, за со уште поголем обем да започнат градежните зафати. Новиот простор кои го зафаќаат предизвикуваат одреден имотно правни процеси, кои треба да ги решаваме“, рече Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.
Ако на почетокот на градежните работи беше ветувано дека автопатот ќе биде готов во 2018 година, а потоа се пролонгира до 2021 година, сега рокот за овој автопат повторно ќе биде одложен.
„Единствениот рок кој што во овој момент можам да го кажам, а да не биде тоа рок даден врз база на некоја моја желба, е дека до крајот на 2021 година, правиме притисок да се пуштат дваесеттина километри под траен режим на сообраќај, не под времен режим од овој автопат. Во моментот очекуваме, бидејќи се правеа нови проектирања, да го добиеме и динамичкиот план за остатокот од автопатот, за да видиме колку е тоа потребно за да се дозаврши целиот автопат. Со новото проектирање се зафатени ископи од 12 милиони метри кубни, нешто кое некој треба да го одработи“, рече Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.
Во меѓувреме неколкупати се зголеми и цената на чинење на автопатот. Од првично предвидените 374 милиони, неговата вредност достигна приближно 600 милиони евра. Колку ќе чини на крајот засега никој не прогнозира.
Мики Трајковски