Изминатата ноќ 20-годишник бил прободен со нож, имало три сообраќајки, а најмладите што препиле алкохол биле на 14 години

Изминатата ноќ на Ургентниот центар во Скопје биле извршени 103 прегледи, а на Клиниката за токсикологија 23. Тоа според докторите е просекот што го имале и изминатите години.
На Ургентниот центар во Скопје од извршените 103 прегледи, три биле од сообраќајни незгоди. Докторот Ерен Сејфула, ортопед од Ургентниот центар вели дека еден пациент е примен на Клиниката за дигестивна хирургија за натамошен третман и е во стабилна состојба.
„Имаше и три физички напади од кои едниот пациент, 20-годишник, е примен на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија. Се работи за убод од нож, пациентот е примен за натамошно лекување и е во стабилна состојба. Сите останати случаи биле со лесни повреди и се пуштени на домашно лекување“, рече Сејфула.
Оваа година, според, него, нема поголем број на случаи кои се примени во Ургентниот центар во споредба со претходната година.
На Клиниката за токсикологија, во текот на новогодишната ноќ, биле примени 23 пациенти, кои според нивните кажувања пиеле само алкохол.
„Ноќта помина во најдобар ред. Го држиме просекот од изминатите години со 23 прегледи заради акутни интоксикации од кои 12 со 11 се полнолетни и малолетни. Најмладите пациенти годинава беа над 14 години, а најстариот 63 години. Сите прегледани во изминатите 24 часа се испратени на домашно лекување, ниту еден не е задржан“, вели доктор Кирил Наумовски од Токсикологија.
Според него, бројот на акутни интоксикации поврзани со психоактивни супстанци расте секоја година, но вели дека дали се мешани или не се мешани интоксикациите ќе треба да кажат пациентите, но многу често дел од пациентите не ја кажуваат вистината и велат дека пиеле само алкохол.
Наумовски вели дека оваа година од примените 23 пациенти, 12 се жени, а 11 се мажи.