Изненадувачко откритие: Живите суштества емитуваат слаба светлина – сè до моментот на смртта

Неодамнешна студија спроведена од научници од Универзитетот во Калгари и Националниот истражувачки совет на Канада покажа дека живите суштества емитуваат екстремно слаба светлина која исчезнува во моментот на смртта, откривајќи нови сознанија за биолошкиот стрес и виталноста.
Физичарот Вахид Салари и неговите колеги забележале емисии познати како ултраслаба емисија на фотони кај глувци и лисја од растенија. Користејќи електронски засилени камери, научниците снимале четири живи глувци во целосно темна комора во текот на еден час. По еутаназијата, снимањето се повторувало уште еден час, при што телесната температура се одржувала. Студијата покажа јасен пад на видливата емисија на фотони по смртта.
Од каде доаѓа емитираната светлина?
Емисиите на UPE, иако многу слаби и тешки за откривање поради светлосно загадување и метаболичка топлина, претходно се забележани кај различни организми, од бактерии до срцево ткиво. Емисиите се јавуваат во опсегот на светлосна бранова должина од 200 до 1.000 нанометри и веројатно се поврзани со реактивни кислородни видови што клетките ги произведуваат под стрес предизвикан од топлина, токсини, инфекции или гладување.
Истата постапка беше применета и на листовите на растенијата Arabidopsis thaliana и Heptapleurum arboricola. Повредите и хемиските агенси предизвикаа стресни реакции, а резултатите беа впечатливи. Нашите резултати покажуваат дека повредените делови од сите лисја биле значително посветли од неоштетените делови од листовите во текот на 16-часовното снимање, изјавија авторите на студијата, објавена во „The Journal of Physical Chemistry Letters“.
Идниот потенцијал во дијагностиката
Откритијата на канадските научници отвораат можности за неинвазивна дијагностика. Со откривање на емисиите на фотони, научниците би можеле да развијат алатки за следење на здравјето на луѓето, животните, земјоделските култури и микроорганизмите.
Резултатите од претходно споменатото истражување нудат мерливи докази дека живите суштества можат суптилно да емитуваат светлина, сè до моментот на смртта, објавува порталот Zimo.