
Цивилите кои се наоѓаат во градот Рафах на југот на Појасот Газа се во тешка ситуација и мора да бидат заштитени, порача американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Би-би-си.
Тој го повика Израел да направи веродостојни напори за заштита на повеќе од еден милион Палестинци кои се засолнети во Рафах на границата со Египет откако претходно беа раселени од други делови на Појасот пред копнените операции на израелската војска.
Сега Израел, како што најави премиерот на земјата Бенјамин Нетанјаху, планира копнена офанзива и врз Рафах, кој во меѓувреме е под жестоки воздушни напади на израелските сили со голем број жртви.
Апелот за заштита на цивилите Бајден го упати по вчерашната средба со кралот на Јордан, Абдула во Вашингтон.
Тој рече дека секоја голема воена операција во градот не треба да продолжи без веродостоен план за гарантирање на безбедноста на оние што живеат таму.
„Многу луѓе таму беа раселени, раселени повеќепати бегајќи од насилството на север и сега се во Рафах, изложени и ранливи. Тие треба да бидат заштитени“, изјави американскиот претседател.