Израелците упаднаа во главната болница во јужниот дел на Газа

Израелските специјалци извршија рација во болницата „Насер“ во градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа, соопшти израелската војска, наведувајќи дека има веродостојни информации дека телата на израелските заложници можеби се во објектот, пренесува Ројтерс.
„Ние спроведуваме прецизни операции за спасување, како што правевме во минатото, каде што нашите разузнавачки информации укажуваат дека може да се држат тела на заложници“, се вели во соопштението на војската.
Министерството за здравство на Газа потврди дека израелските сили ја нападнале главната болница во јужниот дел на територијата. Болницата „Насер“ беше главно отсечена од неколкунеделните борби. Вчера илјадници раселени Палестинци кои се засолниле таму почнаа да бегаат откако Израел објави дека им отворил коридор за бегство.