ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Извештај на „Економист“: Македонија е „демократија со недостатоци“ и ниска политичка култура

Северна Македонија е „демократија со недостатоци“ и со ниска политичка култура. Ваква оценка доби земјата во најновиот извештај на „Economist Intelligence Unit“ за Индексот на демократија за 2022 година, во која се анализирани 167 држави и истите се подредени во четири категории: развиени демократии, демократии со недостатоци, хибридни режими и авторитарни режими.

Advertisements

Три источноевропски земји, Молдавија, Црна Гора и Северна Македонија, беа надградени од
„хибридни режими“ до „неправилни демократии“ во 2021 година. Овие земји повторно регистрираат подобрувања во нивните резултати во 2022 година, се вели во извештајот на „Економист“.

Со индекс 6,10 и 72. место на листата, Македонија останува во групата „демократија со недостатоци“, и е за едно место повисоко од претходното рангирање, кога излезе од групата „хибридни режими“.

„Резултатот на Северна Македонија маргинално се подобрува, од 6,03 во 2021 година на 6,10 во 2022 година, поради подобрувања во оценката за граѓанските слободи, додека опаѓа оценката за функционирање на владата“, се вели за Македонија во оценката на „Економист“.

На скала од 0 до10, Северна Македонија добила најниска оценка за „политичката култура“ – 3,13. За „изборен процес и плурализам“ има највисока оценка – 7,83, за „функционирањето на владата“ – 6,07, за „политичко учество“ – 6,11 и за „граѓанските слободи“ – 7,35.

Каде се рангирани соседните земји?
Бугарија, со индекс 6,53 и 57. место на листата, исто така е сместена во категоријата „демократии со недостатоци“.
Црна Гора (6,45), Грција (7,97), Албанија (6,41) и Србија (6,33) исто така се класифицирани како „демократии со недостатоци“. Откако го подобри својот резултат за 0,41 поени, Грција сега е блиску до рекласификација како „целосна демократија“, се вели во извештајот на Економист.

Што се однесува до оценката за политичка култура, Србија (3,75) и Црна Гора (3,75) не заостануваат многу зад Македонија. Албанија за политичка култура има оценка 6,25 а Грција 7,50.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button