
Роковите за отпочнување на тендерските постапки наведени во плановите за јавни набавки речиси воопшто не се почитуваат, покажува Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до декември 2022 година, кој денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според наодите до кои е дојдено при анализите, дури 90 отсто од мониторираните постапки се спроведени со задоцнување, и тоа од 1 до 8 месеци. Со тоа, како што се вели во Извештајот на ЦГК се доведува во прашање ефикасноста на функционирањето на институциите, но воедно и улогата која плановите за јавни набавки треба да ја имаат во однос на поттикнување на конкуренцијата.
Минатата година, во седум отсто од тендерите не била доставена ниту една понуда, и тоа овој проблем бил понагласен на локално отколку на национално ниво. Само една понуда била доставена во дури 32 отсто од тендерите, а, според Извештајот, две понуди биле доставени во дури 25 отсто, што го олеснува и процесот на договарање помеѓу понудувачите.
„Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9 305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари односно 427 милиони евра. Отсуството на конкуренција води кон зголемување на ризикот во тендерите да не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари. Просечниот број понуди на сите постапки за јавни набавки во 2022 година изнесува три понуди по тендер, што укажување на намалување на конкуренцијата во однос на 2021“, се вели во Извештајот на ЦГК.