Извештајот на ЕК пред Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе одржат заедничка седница посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.
Се очекува на седницата, евроамбасадорот Дејвид Гир да ги презентира клучните наоди од Извештајот, а обраќање ќе има и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Во Извештајот за напредокот на земјава за 2023 година, објавен на 8 ноември, се наведува дека процесот на преговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ бара широк консензус од главните политички партии, кои треба да се вклучат во конструктивна и инклузивна политичка дебата за да се зајакне улогата на Парламентот.
ЕК оценува дека работата на Парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањето на многу реформски закони и важни именувања, а се забележува и за прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на процедурата за носење законски решенија со „европско знаменце“.