
Косово покажува силна посветеност на патот кон Европската Унија, но внатрешните политички поделби ја попречуваат имплементацијата на потребните реформи, се наведува во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за Косово.
„Владата треба да работи на создавање меѓупартиска политичка поддршка за поефикасно продолжување на реформите поврзани со ЕУ.
Исто така, треба да ги вклучи ресорните министерства во одлуките што се однесуваат на политиките на ЕУ кои се под нивна надлежност и да ја зголеми меѓуресорската координација,“ се констатира во извештајот.
Во извештајот се потсетува дека Косово во декември 2022 година поднесе барање за членство во ЕУ и дека Комисијата останува на располагање за да подготви мислење за барањето штом Советот го побара.
Забележан е напредок во борбата против организираниот криминал, подобрување на деловното окружување, а Косово треба да ги зајакне напорите за подобрување на владеењето на правото, јавната администрација и заштитата на слободата на изразување.
Европската комисија во извештајот за Косово за 2024 година, кој вчера беше усвоен како дел од Пакетот за проширување на ЕУ, ја критикуваше Приштина дека спроведува активности спротивни на обврските од дијалогот на северот на земјата и повика на формирање Заедница на општини со српско мнозинство.
„Косово постојано спроведуваше активности спротивни на неговите обврски од дијалогот, вклучително и полициски операции против канцеларии и служби на север, поддржани од Србија, усвојувањето на регулативата на Централната банка на Косово за готовинските операции што забранува трансакции во која било валута освен еврото од 1 февруари 2024 година, како и затворање на канцелариите на Поштенската банка на Србија и Поштата на Србија на северот на Косово“, соопшти Комисијата и укажа на високите тензии на северот на Косово.