Извозот од слободните зони пораснал за 68% споредено со лани

Од почетокот на годинава заклучно со денеска вкупната вредност на инвестициите во економските зони достигнала 105 милиони евра. Дека компаниите со странски капитал не почувствувале сериозен удар од економско-здравствената криза покажува фактот дека вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигнал една милијарда и 539 милиони евра што е за 68% раст во однос на 2020 година. Најавите на надлежните се дека во следните три години во зоните ќе има инвестиции во вредност од една милијарда евра и вработување на 14 илјади лица.
„Ставивме фокус на поквалитетни инвестиции, тие подразбираат повисоки плати за работниците и повисоки приходи во буџетот. Секако е важно да имаме голем број на странски инвестиции, да имаме увоз на нова технологија во државата бидејќи сето тоа придонесува за економијата, но реалните и практични придобивки за државата се преку бројот на работните места, платите за луѓето и придонесите кои се уплаќаат во државниот буџет“, рече Јован Деспотовски директор на ТИРЗ.