ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Јахоски гласаше јавно во Пласница за да докаже дека не гласал за брата си

Актуелниот пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, јавно го покажа своето гласачко ливче откако го оствари гласачкото право во општина Пласница. Настанот се случи пред камерата на „360 степени“ и според разговорот на Јахоски со членовите на избирачкиот одбор, целта на пратеникот била јавно да докаже дека нема да гласа за брат му, Алија Јахоски, кој е кандидат и веројатен победник во трката за градоначалник во Пласница.

„Moже ли јавно да гласам“, прашува Исмаил Јахоски кога му го даваат гласачкото ливче. На прашањето добива одговор од лице од избирачкиот одбор: „Знам јас зошто сакате јавно да гласате. Вие сакате да гласате против брат ви“, на што пратеникот одговара потврдно. Потоа, истиот член на избирачкиот одбор му вели „не, зад параванот“.

Исмаил Јахоски, како што се гледа на видеото, потоа оди зад параванот, но веднаш откако гласа го покажува ливчето на присутните и вели: „Еве, да видите како сум гласал“.

Што вели Кривичниот законик?

Потегот на пратеникот Исмаил Јахоски може да се покаже како проблематичен, бидејќи нарушувањето на тајноста на гласањето е дело кое се казнува според Кривичниот законик. Поточно, во членот 163, кој е дел од глава 16 (Кривичните дела против изборите и гласањето), се пропишува:

„Тој што при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста, ќе се казни со затвор најмалку три години“, пропишува Кривичниот законик во член 163, став 1.

Дали Јахоски ќе биде повикан на одговорност, сепак, е проценка на обвинителството.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button