Јакимовски: Ја примив пораката од граѓаните!

Граѓаните не сакаат големи градби и не поддржуваат зголемување на бројот на жители на мали површини и бараат колку што е можно повеќе зеленило, тоа е дел од пораката од жителите на Карпош којашто ја разбрал кандидатот за градоначалник на оваа општина Стевчо Јакимовски. Тој во своето вечерашно гостување во емисијата „Економски Магазин“ на Алсат говореше и за потребите на граѓаните коишто ги увиделе преку нивните анкети.
„Во анкетите што ги правевме пред изборите, најмногу граѓаните бараат – чешми. Да има јавни чешми, но никој не бара канализација. Некои бараат фасади. На второ место се парковите, но морам да ви кажам дека Карпош е над светскиот стандард. Светскиот стандард е 7 метри квадратни зеленило на жител, во Карпош е 11,6, а овој мандат планираме тоа да се качи на 16“, рече Јакимовски.
Тој додаде дека, согласно неговата програма, земјиштето кај касарната Илинден ќе биде поделено на парцели и ќе биде доделувано на млади брачни парови за изградба на живеалишта.