Јаневска: Добиваме апели за помош на кои веднаш одговараме

По трагедијата во Кочани, до Министерството за образование не се пристигнати дојави за какви било несакани појави или реакции од типот на агресии, но апели за помош има и на нив се одговара веднаш, во соработката со стручните служби.
Како што изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, трагедијата што се случи е проблем на целото општество, а процесот на заздравување ќе потрае. Во него треба да се вклучат сите, без исклучок, и наставниците и стручните служби и родителите, за да им се помогне пред се, на младите.
-За жал, трагедијата е многу голема. Она што како институција можевме, веднаш го направивме. Уште истиот ден доставивме протоколи, упатства и препораки како треба да се постапува од психолошки аспект. Упатствата беа упатени и до наставниците и до стручните служби и до родителите. Ова е проблем на целото општество и не се однесува само на кризните подрачја, ја засега целата држава. Оттука, сите ние, со огромна одговорност треба да се вклучиме во справувањето или заздравувањето на нацијата, особено на младите кои се најзасегнати зашто се најмалку искусни и реално им треба помош и поддршка. Апелот е и до родителите и до наставниците и до стручните служби сериозно да си ја преземат активноста во секој дел од денот и на секое место каде што се наоѓаат учениците, без оглед на која возраст се, истакна Јаневска.