Јаневска: На 1 септември ќе ги има сите учебници, училиштата да ги пријават оштетените за да бидат заменети

Министерството за образование и наука и Педагошката служба, која е во негов состав, имаат издвоено средства за замена на сите оштетени учебници. Министерката Весна Јаневска денеска апелираше училиштата да се обратат доколку имаат потреба за нов тираж учебници за учениците да бидат мотивирани да учат од неоштетени учебници.
На прес-конференција таа рече дека деновиве прима многу поплаки од родители кои се пожалиле дека на нивните деца им биле дадени оштетени учебници, некои и со пообемно оштетување. Потсети на законската обврска секое училиште да формира комисија која ќе ги провери учебниците што ги враќаат учениците од претходната година, да процени дали се во добра состојба за да им се предадат на следна генерација ученици или треба да бидат заменети.
-Под надзор на директорот на училиштето, таа комисија треба да ги издвои настрана оштетените учебници и потоа од МОН да побара тие учебници да бидат обновени односно да се обратат до Педагошката служба и во отворен електронски систем да пријават колку учебници им недостигаат за ние да може да набавивме нови учебници. За жал, во изминатите години властите, исто така, се соочувале со овој предизвик и тој постојано не бил решаван. Овојпат јавно се обраќам до сите дека МОН и Педагошката служба имаат издвоено средства за сите оштетени учебници да бидат заменети за учениците да не бидат демотивирани дека им фалат страници и да не можат да прочитаат, па и наставниците да се чувствуваат исто така, рече Јаневска.