Јаневска: Ревизија за работењето на два приватни и еден државен универзитет

Министерката за образование Весна Јаневска денеска најави ревизија на работењето на сите универзитети во државата.Таа дури не ја исклучува можноста некои да бидат и затворени, ако не ги исполнуваат условите.
„Ќе почнеме од таму, каде што се пријавуваат неправилности и постепено ќе направиме на сите“, рече Јаневска.
Прашање: ќе направите ли ревизија и на тоа како се издавани дипломи досега?
„Тоа е прилично долг и макотрпен процес, но за што ќе има пријава ќе се постапува, а веќе имаме и почнуваме да постапуваме.Имаме за т.н Универзитет на Мерко, имаме за еден државен универзитет, имаме за уште еден приватен.Кога ќе бидат готови ревизиите тоа ќе биде јавно објавено.Тоа што не исполнува услови неможе да работи“, вели Јаневска.
На веб страницата на меѓународниот универзитет во Струга, се уште фигурира и Факултетот за здравствени науки иако дозволата му е одзмена, а на фејсбук страницата се повикуваат заинтересираните да аплицираат.
„Апсолутно не може тоа. Се разбира и дека ќе реагираме, ќе поминеме, ќе помине и Државниот просветен инспекторат и комисија од министерството и доколку е така ќе си сносат последици“, рече Јаневска.
Раководителот на Меѓународниот универзитет, Арменд Кадриу неодамна изјави рече дека решението за акредитација може да му го одземе само министерот за образование и оти одборот за акредитација немал право да го поништи документот кој го издал по препорака на стручната комисија. Тој најави правна битка доколку не му биде дозволено да има Факултетот за здравствени науки.
Мики Трајковски