Јаневска: Веројатно ќе следува затворање на поголем број институти оти не ги исполнуваат условите

Покрај досега затворените два, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска најави дека деновиве очекува да заврши процедурата и да биде прекината функцијата, односно да бидат затворени уште два института, по извршената ревизија на нивното работење.
Како што информира таа, досега била направена ревизија во 15 институти, а дополнително проверка во работењето има во уште пет.
На десетина институти, рече министерката одговарајќи на новинарско прашања по денешната посета на гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, има бил даден рок од три месеци да ги поправат констатираните нерегуларности, но според извештаите што имала можност да ги прочита, многу малку од нив ќе можат да го направат тоа.
„За жал, морам да кажам дека веројатно следи затворање на поголем број институти кои се нефункционални, не го почитуваат законот, односно не ги исполнуваат условите, и мислам дека е добро за високото образование и науката во земјата конечно да воведеме ред. Секој којшто исполнува услов, ќе функционира. Како и што многу пати досега сум рекла, секој кој не работи по закон нема ниту да функционира“, изјави Јаневска.